Автор: Томе Џамбазовски
Фото: Чедомир Ненковиќ
Медиум: „Антена“
Бр. на издание: /
Датум: 18.10.2002
Време е за модерни нешта, а секој треба да работи така како што чувствува! - водејќи се од оваа мисла кореографката Рисима Рисимкин во изминатите дванаест години е постојано присутна на нашата модерна балетска сцена. Таа реши развојот на модерниот балет да го поттикне и со формирањето на Македонскиот центар за танц, кој го промовираше во минатата недела со премиерата на претставата Мементо што се одржа во обновениот простор на Чифте амам во Скопје. Со оваа претстава, Рисима ја заокружува трилогијата во која влегуваат нејзините претходни проекти Сеќавања и Три лица.
• Македонскиот центар за танц, во кој си претседател, е основан во мај, а официјалната промоција беше со минатонеделната премиера на Мементо. Но, кога реши да го оформиш центарот?
- Пред официјалната промоција со претставата Мементо, во текот на летото во Охрид организиравме семинар за модерен балет и креативен танц што беше прв проект направен во рамките на овој центар. Инаку, во пролетта, кога веќе бев на чекор од излегување од Балетот на МНТ (одлуката да го напуштам театарот и да почнам да работам нешто поинакво зрееше во мене подолго време) во еден неврзан разговор со Гордана Деан Поп-Христова дојдовме до идејата да се здружиме и да направиме центар за танц. Потоа се слушнавме и со останатите луѓе што се основачи - Олга Боев, Надица Делиниколова и Билјана Кирјазова, и испадна дека и тие ја имаат истата идеја. Така се споивме и решивме со зеднички сили да го формираме центарот и да поставиме нови основи за модерниот танц во Македонија на кој не му е доволно јасно утврдено местото. За подобрување на состојбата треба да се изборат токму пуѓето одвнатре.
• Како планирате да го направите тоа?
- Во центарот изработивме програма според која прв чекор е едукацијата. Ќе инсистираме да организираме едукација не само во Скопје, туку и во внатрешноста на земјата, каде што има многу деца што сакаат да го изучуваат модерниот балет. За тоа направиме академска програма и центарот ќе има четири претставништва во Струмица, Битола, Велес и Тетово. Таму ќе почне пренесувањето на основите на модерната игра, а со текот на времето се надеваме дека ќе постои интерес и дека ќе се создаде база за професионалци. Вториот главен аспект е промовирање на македонското кореографско творештво. За тоа ќе се формира фонд од кој ќе се стипендираат млади таленти за работа на нашите простори или во странство, зависно какви ќе бидат нивните потреби. Тоа е вториот, повисок степен од програмата во која влегува и организирање на гостувања во странство како и повторно заживување на Фестивалот за модерен балет, кој го работев од 1996 до 1998 на Охридско лето. Сигурно е дека во следното лето Македонскиот центар за танц ќе го направи тој фестивал, на кој ќе бидат застапени македонски кореографи и групи од Европа.
• Само се наметнува прашањето за финансиите. Дали со досегашното искуство на организирање самостојни балетски проекти полесно се снаоѓаш во добивањето средства?
- Мојот став е дека во уметноста можеби нема доволно пари, но не може да се каже дека нема пари. За квалитетни проекти секогаш се наоѓаат средства и мислам дека заедно со нас на некој начин растат и спонзорите, бидејќи пред десет, седум, пет години беше многу потешко да се најдат спонзори кои ќе веруваат во уметноста, во танцот. Македонскиот центар за танц има апсолутен императив - сѐ што ќе се работи во негови рамки да биде со врвен квалитет! Ние знаеме дека тоа е ново и дека ќе постои отпор, како што постои во секој момент од 1990 година наваму откако ги правам своите проекти. Постојано се судрувам со тоа што некому не му се допаѓa што сум решила да работам модерен балет, што сметаат дека треба да се поставува само класика, па класика на овој или оној начин... Јас мислам дека е време за модерни нешта и дека секој треба да работи така како што чувствува! Секој човек има право да се изразува како уметник, без разлика како некој друг ќе го оцени тоа, можеби ќе се обиде да го спречи или, пак, ке го поддржи. Јас не би била денеска на ова место ако немаше луѓе што ги поддржуваа моите идеи, како од уметничкиот кадар така и во поглед на спонзорставата, исто како и Министерството за култура, кое долго време го помага мојот развој. Со програмата на Македонскиот центар за танц аплициравме во Министерството и мислам дека местото му е во Националната програма за култура. Тој со соодветна поддршка би прераснал во кореографски центар, кој би бил вистинска база за Современите случувања и можност за искажување на сите нови уметници - кореографи, танчери, педагози...
• Изведбата на Мементо во Чифте амам е одличен почеток на работата на центарот. Дали специјално за тоа ја постави претставата, која ќе се игра во тој простор?
- Меленто е завршница на трилогијата што ја почнав во 1999. со претставата Ceќавања работена според романот Болката од Маргерит Дирас, а во 2000. беше проектот Три лица, изведен на фестивалот Ристо Шишков во Струмица. Темата во трите претстави е човекот во просторот и времето. Инаку, во принцип не сакам многу да зборувам за тоа од каде се идеите за моите претстави и што ми значат тие, зашто во современо изразување и нема потреба од тоа. Самиот наслов Мементо за мене има големо значење, но тоа е чисто интимен став, кој и немам потреба да го кажувам, а мислам дека сите што ќе додат ја гледаат претставата ќе си најдат свој поттекст. Мојата определба како кореограф не е да им ја раскажувам приказната на луѓето, туку едноставно да им ги прелеам чувставата што ги имам, а кои ги пренесувам заедно со танчерите.
• Покрај танчерите е вклучена и актерката Ѕвезда Ангеловска, која пее и свири виолина. Како се екипиравте во овој проект?
- Уште во првиот момент пред една година кога почнав да размислувам за оваа претстава знаев дека ќе работам со Ѕвездана, зашто таа не само што е многу испиративна како актерка, туку е и голем професионалец. Таа вонредно придонесе за развојот на претставата покрај другите учесници - балерините Олга Боев, Елисавета Скаловска, Елена Антонова и Саша Ефтимова, кои дадоа голем дел од себе си, и секако маестро Васил Атанасов со обоата и кавалот.
(Објавено во: „Антена“ бр. /, од 18.X.2002)