Архива на стари написи од трети медиуми

[Архива] Музиката на една младост создаде вечни шлагери

Тема: Почетоците на македонското забавно творештво

Автор: Редакција/среда, 12 март 2008/Категории: Архива, ТЕА Модерна

Оцени го написот:
5.0
[Архива] Музиката на една младост создаде вечни шлагери

Автор: Гордана Колевска
Медиум: „ТЕА Модерна“ 
Бр. на издание: 390
Датум: 12.3.2008

Kога во 1948 година членовите на Студентскиот аматерски џез-оркестар, познат под скратеното име „Саџо“ на еден настап во Скопје ја извеле инструменталната композиција на Драган Ѓаконовски Шпато под наслов „Игранка“, тоа било важен момент во тогашното музичко секојдневие. „Игранка“ била првата оригинална композиција создадена од македонски автор и со нејзината изведба е означен зачетокот на македонското забавно музичко творештво, „Саџо“ во тоа време бил многу популарен ансамбл, а во него покрај Драган Ѓаконовски Шпато, кој бил негов основач, членувале и познатиот трубач Димитар Маневски, кларинетистот Ратко Пици, Слободан Николовски, кој свирел контрабас... Ансамблот настапувал на игранки и матинеа и свирел странска популарна музика, композиции кои во тие години биле актуелни во музичките центри низ светот. Аранжманите на светските хитови прилагодени на инструменталниот корпус на „Саџо“ ги правел Шпато, човек со неверојатен музички талент, кого современиците го паметат како музичар со апсолутен слух, кој умеел да ја „симне на хартија“, секоја музика што ќе ја слушнел.

- Шпато е уникатна, грамадна личност во историјата на македонската забавна музика. Тој имаше исклучителна природна дарба, што секако може да се сретне и кај други луѓе, но неговата посветеност кон музиката направи неговиот талент да дојде до целосен израз и во функција на поставување на темелите на забавната музика во Македонија. Шпато потекнуваше од музичко семејство, неговиот татко Васил, уште пред Втората светска војна имал оркестар, а брат му Хари свирел на виолина. Таткото и синовите Ѓаконовски, како трио „Шрамел“, настапиле во живо на Радио Скопје, утрото на 14 ноември 1944 година, ден по ослободувањето на градот. Иако свиреле странска музика, сепак тој настан може да се смета за симболичен почеток на создавање амбиент за македонската забавна музика. Шпато учел хармонија кај Стефан Гајдов, во музичкото училиште во Скопје. Немал можност да продолжи на академија, бидејќи тогаш таа не постоела во Македонија, но тој своето музичко образование го надградувал слушајќи ја музиката на најголемите светски џез-музичари, како Џером Керн, Џорџ Гершвин, Стен Кентон... Поради неговиот извонреден слух тој можел да ја „симне на хартија“ секоја музика што ќе ја слушнел, правел анализи, аранжмани и потоа познатите светски композиции ги изведувал со своите другари на игранки, матинеа. Во почетокот тоа биле безимени ансамбли, со променлив состав, а во 1948 година Шпато го формира „Саџo“, со кој ја изведува својатапрва оригинална компзоиција „Игранка“ - вели Ванчо Димитров, композитор и музички новинар, добар познавач на историјата на македонската забавна музика, кој подолго време работи на монографија за Драган Ѓаконовски - Шпато.

По „Игранка“, во истата 1948 година, Ѓаконовски создава уште неколку композиции кои се наоѓаат на репертоарот на „Саџо“, како „Дојди есен“,  „Гарача“, а во 1950. „Егзотика“ (во вокална верзија „Далечен крај“), посветена на трубачот Благоја Чешларов од чие свирење Шпато бил воодушевен. Неколку години потоа се случува и филмскиот мегахит „Бал на вода“, од чија музика ни самиот Шпато не останал рамнодушен. Тој бил, едноставно, маѓепсан од неа, па гледајки го филмот повеќепати во киносалата, целосно ја симнал музиката на нотна хартија, што говори за неговиот генијален талент.

- Во првите 20 години од македонското забавно музичко творештво Драган Ѓаконовски Шпато е клучна фигура. Сите случувања во музичкиот живот во тој период се поврзани со неговите активности, без оглед дали се тоа на творечки или на изведувачки план. Шпато секогаш инсистираше на музика која ќе биде издржана, која ќе има тежина, со мелодиски и хармонски квалитети. Тој беше заробеник на богатата хармонија, на богатите акорди и со своите ставови за музиката има извршено големо влијание врз авторите кои се јавуваат во наредните години - објаснува Димитров.

Еден од клучните наслови во развојот на македонската забавна музика е композицијата „Молчи една долина“, којашто Шпато ја создал во 1952 година. Тоа е првата позначајна композиција инспирирана од македонскиот фолклор и воедно првата вокална мелодија, што ја пеела Блага Видец, оперска солистка, но и една од првите пејачки на забавна музика во тоа време, заедно со Љупка Апостолова. „Молчи една долина“ првпат била изведена од Ритмичкиот секстет на Радио Скопје, оркестар што Шпато го создал врз темелите на „Саџо“ во 1951 година.

- Во 1954 година, по повод прославата на десетгодишнината на Радио Скопје, се случува еден интересен концерт на новоформираниот Забавен ансамбл на Радио Скопје, на кој настапиле Велко Трпчевски, Љупка Апостолова, Томислав Маниќ.... Пееле главно странски композиции, но заедно со нив настапила и Блага Видец со изведбата на „Молчи една долина“. Овој концерт наишол на голем одзив во јавноста -  вели Димитров.

Покрај Драган Ѓаконовски, во наредните години, како автори на оригинални композиции се јавуваат Слободан Николовски и особено продуктивниот Димитар Масевски и тогаш почнува поинтензивниот развој на автентично македонско забавно музичко творештво, кое веќе во 1967 година првпат е презентирано надвор од Македонија. Имено, во таа година во Белград се одржал првиот фестивал на југословенското радио, на кој Блага Видец со голем успех ја извела композицијата „Последна солза“. Авторот на музиката Димитар Масевски и на текстот Ѓоко Георгиев добиле парична награда, а Драган Ѓаконовски, награда за аранжман.

Блага Видец и Љупка Апостолова во тие години биле две големи дами на македонската забавна музика, кои поседувале врвни пејачки квалитети. Бидејќи домашното творештво сѐ уште било во зачеток, тие изведувале најмногу странски мелодии, познати светски хитови, но во препев на македонски јазик, кој го правеле Ѓоко Георгиев и Слободан Николовски. Од тоа време се памети извонредната изведба на Апостолова на познатата композиција „Шармен“. Изведбите се случувале на концерти кои биле многу популарни и ја анимирале целокупната јавност. Меѓу концертите што останале запаметени како важен настан за историјата на македонската забавна песна е оној во 1956 година во Народниот театар во Скопје за којаранжманите ги направил Драган Ѓаконовски, а вокални солисти биле Љупка Апостолова и Велко Трпчевски. Меѓу другото на програмата биле изведени и композициите на Димитар Масевски „Последна солза“ и „Воденичка“. Тој концерт силно одекнал во јавноста.

Концертните настани, воопшто, секогаш биле проследени со позитивна енергија. Тие биле еден вид поттик за создавање на нови композиции во забавната музика, но и за формирање нови оркестри кои ќе ја изведуваат таа музика. Така, во 1961 година е формиран „Биг бендот“, односно, Танцовиот оркестар на МРТВ и тоа се смета за еден од клучните моменти во натамошниот развиток на домашната забавна музика.

- Се разбира, диригент на „Биг бендот“ е Шпато и тоа бил еден од првите такви оркестри во поранешна Југославија, а веројатно и на пошироките балкански простори, којшто имал комплетен инструментален корпус. „Танцовиот оркестар“ станува стожер околу кој се врти целото забавно музичко творештво во Македонија. Овој оркестар ги изведувал и снимал сите создадени композиции од македонските автори вели Димитров.

Кога станува збор за најсветлите моменти од историјата на македонската забавна музичка сцена, тој нагласува дека во нив секако влегуваат и оние кога на неа се појавуваат двајца нови, одлични пејачи - Нина Спирова и Христо Крстевски.

- Уште на своите први настапи Спирова го покажала својот раскошен пејачки талент, за нејзиниот глас немало пречка, таа можела да пее композиции од различни жанрови. Изведбите што ги има оставено зад себе се вбројуваат во врвот на нашата пејачка традиција во забавната музика. Од машките гласови особено се издвојувал штипјанецот Христо Крстевски, автор и пејач со извонредни квалитети, кој денес е посветен на литературното творештво. Крстевски во 1961 година на големиот југословенски натпревар за пејачи во Белград, „Златен микрофон“, од жири-комисијата бил прогласен за најдобар пејач, но под притисок на обожавателите на Ѓорѓе Марјановиќ, жирито морало да се „премисли“. Крстевски е автор на текстот на еден од најголемите македонски хитови, композицијата „Еден бакнеж“ со која Нина Спирова во 1962 година победува на југословенскиот фестивал на забавна музика во Oпaтија, успех кој значел силен пробив на македонската забавна музика на тогашната југословенска сцена. Музиката за „Еден бакнеж“ ја напишал Петар Пешев, доктор според образованието, кој воедно поседувал голем музички талент и зад себе има оставено неколку композиции. Пешев потекнувал од Куманово, но целиот свој работен и животен век го поминал во Загреб. Инаку, во тие години популарни пејачки имиња се и Зоран Георгиев, Никола Автовски, кој се прослави со странската композиција „Кажи зошто ме остави“, а во 60-тите како пејачки ѕвезди се јавуваат Диме Поповски и Зафир Хаџиманов, кои исто така имаат важна улога во развојот на домашната забавна музика. Во1960 година од Белград во Скопје, по завршувањето на Музичката академија, се враќа композиторот Александар Џамбазов, кој донесу ва нов квалитет во македонското забавно музичко творештво. Во 1964 година Џамбазов станува и диригент на „Танцовиот оркестар на МРТВ“, а пет години пред него, на македонската музичка сцена од Далмација доаѓа и композиторот Љубомир Бранѓолица, кој во прво време пишувал оркестарска концертна музика, а подоцна и вокални мелодии. За Шпато, Масевски, Џамбазов и Бранѓолица пред неколку години напишав дека се златната четворка на македонската забавна музика, бидејќи со нив се поставуваат темелите на домашното творештво нагласува - Димитров.

За новите генерации творци и пејачи сцената се отвора со „Скопскиот  фестивал“, чие прво издание стартува во 1968 година. Во текот на 12-годишното постоење, до 1979-тата, „Скопскиот фестивал“ е главниот настан на кој се потврдуваат вредностите на докажаните имиња, но и се промовираат нови, кои внесуваат нов дух во македонската забавна музика.

Главни карактеристики на македонската забавна музика во годините на нејзиниот зачеток биле мелодичноста и оригиналниот израз. Авторите инсистирале да создаваат композиции кои ќе бидат неповторливи, за кои не можело да се рече веќе чуено.

- Токму поради ваквиот став на големиот број на антологиски песни во нашата забавна музика припаѓаат на тоа време. И траат до денес. Секако, немам намера да го потценувам творештвото во последниве години, бидејќи и сега има проблесоци на оригинални композиции, но сепак, генерално, мноштвото од забавната музичка продукција денес е конфекциско. Можеби тоа произлегува од фактот што денешните автори создаваат многу нови наслови, годишно по 30-40 нови композиции, или јас често велам пишуваат колку што треба, за разлика од порано кога еден автор во годината ќе се појавел со едвај три-четири нови песни. Освен тоа, факт е дека домашната забавна музика се повеќе го губи идентитетот на македонско творештво. Многу од денешните композиции ако ги чуете во изведба на англиски јазик, нема да познаете дека се создадени од домашни автори. Малкумина наши композитори се обидуваат нивната музика да дише со ова поднебје, со нашата музичка традиција. Што се однесува до изведувачите, доволно е да се знае дека за просечните гласови, тогаш, на времето, едноставно немало простор - вели Димитров.

Ванчо Димитров:

Подолго време работам на монографија за Шпато, затоа се обидувам да соберам сѐ што може да се собере за него, секакви податоци, кажувања на негови современици, на автори, на луѓе кои соработувале со него и на кои им го пренел своето огромно искуство и знаење. Монографијата е речиси готова, сега сум фаза на обезбедување средства за нејзиното печатење. Мојата цел е на македонската јавност да ѝ понудам квалитетно издание, кoe ќe биде достојно на големината на Шпато како уметник и човек, но и на неговото значење за македонската забавна мyзика.

Димитар Масевски, композитор

СОЗДАВАВМЕ АВТЕНТИЧНА МУЗИКА

Со Александар Џамбазов сме другари уште од детството. Живеевме во исто маало, по цели денови бевме заедно, а потоа и двајцата учевме во музичкото училиште, свиревме гитари, пеевме, пишувавме песни, а ни ги изведуваа во училиштето. Во тоа време, кога бевме деца, беше популарен филмот „Бал на вода“, од чија музика јас и Џамбаз бевме „инфицирани“. Некаде во средината на 1956 година тој отиде на студии во Белград, а јас останав во Скопје и барав начин да стапам во контакт со Шпато, кој беше постар и многу популарен во музичките кругови поради неговото знаење за музиката и талентот што го поседуваше. Успеав да дојдам до него и да му ги отсвирам моите 30-ина композиции што ги имав напишано дотогаш. Тие први песни немаа комплетен текст, туку само понекој збор и вокалната делница главно одеше со „тра-ла-ла“. И подоцна, кога веќе официјално бевме познати како композитори, текстовите главно ни ги пишуваа Ѓоко Георгиев и Слободан Николовски - се сеќава композиторот Димитар Масевски.

Неговата прва композиција „Врати се“, на текст на Николовски, ја доживува првата изведба во 1956 година во Студиото 1 на „Радио Скопје“.

- Се сеќавам, беше четврток, на програмата одеше т.н. јавна емисија на која во живо се пееја странски песни. Кога дојде редот на мојата композиција ме најавија како Диме Масевски. Тогаш бевме уште многу млади и непознати. Подоцна станав Димитар. Песната ја пееше Никола Автовски, но беше многу несигурен, на почетокот дури и се блокираше, не можеше да се сети на текстот.

Во наредната година, 1957, неговата композиција „Последна солза“ влегува во програмата на првиот фестивал на Југословенската радиодифузија во Белград и околу неа се случиле неколку интересни околности.

- Имено, кога дирекцијата на фестивалот ја добила пријавата за таа композиција им било чудно што со неа не стигнале и партитурите за да може фестивалскиот оркестар да се подготвува за изведбата - вели Масевски. По некое време во „Радио Скопје“ пристигна претставничката на фестивалот, Лида Фрајд, за да го најде авторот на композицијата, мене, и да среди околу партитурите. Јас тогаш работев како тапанар во оркестарот во „Радиото“ и Лида Фрајд ѝ се обратила на директорката на „Радио Скопје“, Веселинка Малинска. Оваа, пак, не ни знаеше кој сум. Тогаш имав 19 години и самата се ненади кога ме запозна. Кога и кажав дека партитури нема затоа што Шпато во оркестарот не работи со партитури, тоа ѝ беше ново изненадување. Но, некако се среди работата, Шпато по сеќавање направи една помошна партитура, а кога за сето ова дознал Бојан Адамич, тогаш многу познат југословенски композитор, прокоментирал дека целата работа не му мириса на арно, дека тој, Шпато, според него, е или гениј или шарлатан, кој сака да се шегува со фестивалот. Потоа, самиот дојде до заклучок дека Шпато е гениј, па го канеше во Љубљана да му биде прв асистент. но овој не отиде. Не сакаше да си ја напушти куќичката во Старата чаршија - се сеќава Масевски.

Композицијата „Последна солза“, била напишана во Гершвиновски стил, кој набрзо на домашната забавна музичка сцена почнал да се напушта. Слободан Николовски, кој меѓу другото беше општественик и уредник на Редакцијата за забавна музика, почна да ни сугерира дека е време да почнеме да создаваме музика која ќе биде блиска до нашето поднебје. „Ние мора да се одвоиме од Гершвин и преку нашата музика треба да кажеме кои сме“, ни велеше. Тогаш излегоа неколку забавни композиции во кои се препознаваа елементи на македонскиот фолклор - „Село мое“ од Слободан Николовски, мојата „Како сонцето што зајдува“, „Молчи една долина“ од Шпато и „Пелистерски очи“ од Џамбаз. Тоа беше во 1957 година, а во 1958 година Џамбаз направи „бомбардирање“ со своја композиција во Опатија, но преку Белград. Тој се врати во Скопје во 1960 година, откако ги заврши студиите и веднаш се вработи во „Радио Скопје“. Беше веќе познат како автор поради успесите во Опатија. Тогаш како автор се појави и Петар Пешев, а многу интересна личност беше и Христо Крстевски, којшто се прослави со една извонредна композиција „Скитник“. Во тие години во Скопје дојде и Бранѓо. Така почна да се гради македонската забавна музика. Сите бевме еден тим, соработувавме меѓу себе, немаше завидливост меѓу нас. Кога ќе се родеше нова композиција никому не му беше важно чија е, важно беше дека настанала нова песна, дека нешто се создава. Тогаш од гранчињата стануваше дрво, кое еве денес е старо 60 години. Најголемиот корен на тоа дрво е Драган Ѓаконовски, а потоа ние по него, помали корени - вели Масевски.

И покрај напливот на популарните фестивалски ноти од другите центри во Југославија, како и на познатиот италијански „Сан Ремо“, тој вели дека македонската музика во тоа време успеала да се одржи на линијата на автентичен препознатив стил.

- Ние, првите композитори, настојувавме да бидеме подалеку од санремовскиот тренд. Сакавме да направиме автентична музика. Сите мои песни, и оние најнаградуваните како на пример „Приспивна за реката“ што ја пее Сенка Велетанлиќ, напишана во деветосмински такт и се препознава дека е типично македонска. И „Гулабица“ е напишана во тој стил.

Љубомир Бранѓолица, композитор

ЗАБАВНИОТ ЖАНР БЕШЕ ВОЗБУДЛИВ ДЕЛ ОД МОЈОТ ЖИВОТ

Како композитор со извонредно богат творечки опус, Љубомир Бранѓолица се испробал во речиси сите музички жанрови, а наклоноста кон забавната музика е нешто што во себе го носи уште од младоста.

- Кога дојдов во Македонија пишував ревијална музика и композиции кои имаа хармонии на Гершвин, на Бродвеј. Такви беа „Велеградски варијации“, „Современа рапсодија“..., така што можам да речам дека звукот на забавната музика го чувствував близок. Тогаш бевме неколку композитори: Шпато, Џамбаз, Масевски, јас, подоцна дојде и Славе Димитров. Се собравме група автори кои имавме желба да создаваме забавна музика, за којашто имаше интерес кај публиката вели - Бранѓолица. Во 1964 година за фестивалот во Опатија тој ја создава композицијата „Ноктурно“, во 1965 година се јавува со „Дај ми рака“, а во годините потоа ги компонира и „Езеро Мое“, „Соул Македонијо“. „Блиска, а сепак далечна"...

- Пишувањето забавна музика ми причинуваше големо задоволство и јас тоа не го доживував како некој полесен жанр што заслужува по мало внимание. Во овој контекст многу ми се допаѓа една изјава на Шостакович. Имено, кога го прашале што му требало да пишува oпeрета, што за него како голем автор е лесна форма, тој одговорил дека лично музиката не ја дели на сериозна или несериозна, туку на добра и лоша. Така и јас, создавајки забавни композиции сметам дека не му наштетив на мојот севкупен творечки опус. Напротив, мислам оти тие го збогатуваат. Имам напишано повеќе од 200 композиции со забавен жанр и тоа своевремено беше моја творечка потреба да се испробувам во таа мала и слободна, убава форма.

За неговото творештво во забавната музика Бранѓолица има добиено 16 награди на „Скопскиот“ и на други фестивали во поранешна Југославија.

- Сепак ако треба да издвојам нешто од многуте наслови, би рекол дека тоа се „Езеро мое", композиција што ја пее Нина Спирова, потоа, „Блиска, а сепак далечна“ во изведба на Невија Ригуто... „А каква љубов“ на Диме Поповски. Секоја композиција ми е драга, но овие се тие за кои добив најмногу награди. Забавното музичко творештво навистина беше возбудлив и интересен дел од мојот живот. Композицијата „Езеро мое“ ја напишав специјално за Спирова. Кога ја создавав бев воодушевен од Охрид, и тоа воодушевување трае до денес.

Љупка Апостолова, радиоспикерка во пензија

БЕВМЕ ГЕНЕРАЦИЈА СО ТАЛЕНТ И ЕНТУЗИЈАЗАМ

Иако на забавната музичка сцена Љупка Апостолова била присутна само седум години, нејзиниот придонес како пејачка се смета за особено значаен, поради фактот што на своите настапи. секогаш промовирала високи уметнички вредности. Особено се памети нејзината одлична изведба на познатата композиција „Шармен“.

- Мојот прв настап како пејачка беше во 1953 година за празникот 11 Октомври, и тој одеше директно на јавна емисија. Зградата на „Радиото“ беше на Марксова улица број 17 (каде што е денес Соборниот храм, односно во негова близина) и во неа имаше големо концертно студио. Но бидејќи не беше добро изолирано кога почнавме да ги снимаме изведбите од 1956 година, тоа го правевме ноќе, кога градот спиеше. Со пеење се занимавав уште од детството, како ученичка настапував на училишните приредби, а одев и во Музичкото училиште, каде што го запознав Шпато. Впрочем, него го познаваше цело Скопје. Тој ме повика да пеам на „Радио“, јас прифатив и веднаш ме стави на програмата на јавната емисија. Во почетокот пеев песни од Југословенската музичка сцена, но во препев на македонски јазик. Во студиото настапувавме неколкумина пејачи и тоа пред публика. Имавме толку многу настапи што немавме време напамет да ги научиме текстовите, па се случуваше на сцената да излеземе со ливче в раце и од него ги читавме песните. Тогаш се јави потреба и од македонски композиции. Првата ја напиша Шпато, а потоа со свои композиции се јавија и докторот Миодраг Мицев, Слободан Николовски, Димитар Масевски - вели Апостолова, и додава:

- Пеевме на радиопрограмата, одржувавме и концерти во студиото на „Радиото“, а еднаш годишно имавме голем концерт во салата на „Офицерскиот дом“, што беше прекрасен простор. Јас имав два настапа во „Офицерски“, еднаш во 1958 година и вторпат во 1960 година, кога решив да завршам со мојот пејачки ангажман. Во тие години: домовите на армијата низ Југославија беа носители на концертната активност, па така во неколку наврати гостувавме во Србија и на Косово.

За композицијата „Шармен“ Апостолова вели дека е една од најдрагите во нејзиниот пејачки репертоар, но исто така за незаборавни изведби ги смета и оние на „Гарача“, „Сењорита Калипсо“, потоа „Љубов, сладок сон“.

- Кога решив да се повлечам од пеењето, многумина се обидуваа да ме разубедат. Но, јас бев одлучна, бидејќи не гледав перспектива во таа работа. Едноставно, сметав дека пеење и семејство во тоа време не одат заедно, а и требаше да го завршам факултетот. Во истата година, 1960, се вработив во „Радио Скопје“ и таму останав да работам како спикерка 43 години, по што заминав во пензија - вели Апостолова.

Денес таа со задоволство се сеќава на годините на младоста кога со својата генерација учествувале во креирањето на музичкиот живот.

- Тоа беше музика на една младост. Немавме современа техника, но имавме голем ентузијазам да создаваме квалитетна музика. Сите работевме од љубов, во секој поглед, и музичарите и пејачите. Дававме сѐ од себе, зашто такво беше времето, бевме измачени од војната и сакавме да гледаме во иднината, во новиот живот. Тоа беше период кога со многу страст и ентузијазам ги доживувавме нештата и настаните околу себе. Слушавме музика која доаѓаше од Запад, југословенски хитови, но исто така и руски песни.

Христо Крстевски, писател

НА ШПАТО МУ СЕ ВОСХИТУВАВМЕ СИТЕ

Христо Крстевски е првиот кантaвтop вo мaкeднocкaтa забавна музика. Со неговата песна „Скитник“ во јавноста се појавува како 16-годишник и веднаш станува популарен. Со таа песна гостувал и во земјите од тогашниот Источен блок.

- Аранжманот за „Скитник“ го напиша Шпато, а јас сум автор на текстот и на музиката. На едно од гостувањата, во Прага, еден познат аранжер се сомневаше дека аранжманот за песната го направил човек кој се занимава само со забавна музика. Тој сметаше дека тоа можел да го направи само некој што има поширока музичка наобразба, дека се работи за композитор што пишува симфониска музика. Со еден збор Шпато беше гениј, нему му се восхитува многу музичари од тогашна Југославија и пошироко вели - Христо Крстевски.

Тој во македонската забавна музика е познат и како автор на текстот на еден од најпознатите македонски шлагери „Еден бакнеж“, за кој музиката ја напиша Петар Пешев.

- „Еден бакнеж“ беше првиот шлагер во Македонија кој успеа да се закити со првата награда на „Опатискиот фестивал“. Со таа композиција ние како Македонци се гордееме и станавме славни. Таа живее веќе 50 години, а неодамна ја слушавме и во последното филмско остварување на Милчо Манчевски „Сенки“, каде што беше користена како лајт мотив. Кога ја напишав „Еден бакнеж“ имав 20 години. Иако беше постар десетина години од мене, со Пешев одлично функциониравме како тандем, заедно создадовме неколку хитови кои беа изведувани на фестивалите, вклучувајќи ги „Ноќеска шумеа брезите“ во изведба на Диме Поповски, потоа композицијата „Дарија“ со која на фестивалот во Опатија настапи Симеон Гугуловски, пa „Бpeгoви oд нaдeж“,отпеана од загрепската пејачка Бети Јурковиќ...

Но, освен што бил успешен како автор, Христо Крстевски во 50-те години бил познат и како пејач со впечатлив глас. Тој во 1961 година во Белград на југословенскиот натпревар за пејачи „Златен микрофон“ има освоено прва награда од жирото. Сепак, тогаш од Белград тој заминал без наградата, бидејќи околу неговата победа се случил голем скандал.

- Во Белград бевме собрани стотина пејачи од цела Југославија, сите тогашни ѕвезди, освен Иво Робиќ кој беше на турнеја низ западна Германија. На натпреварот учествува Душан Јакшиќ, Цуне Гојковиќ, Лола Новаковиќ, Аница Зубовиќ, Сенка Велетнлиќ, Тереза Кесовија, Ладо Лесковар, Мајда Сепе... Значи, целата елита на југословенската забавна музика. Од Македонија бевме само јас и Нина Спирова. По елиминациониот дел останавме десет пејачи, пет мажи и пет жени, и требаше да се доделат вкупно пет микрофони. Претседател на жири комисијата беше Аница Мезетова, оперска примадона. Златните микорфони кај пејачките отидоа кај Лола Новаковиќ, Аница Зубовиќ и Нада Кнежевиќ, а од пејачите жирито сметаше дека ги заслужуваме јас и Тони Кљаковиќ, пејач од Сплит. Во финалето испадна Ѓорѓе Мајрановиќ за кого беше речено дека има одличен сценски настап, но не и глас. Кога требаше да ни бидат доделени наградите во салата на „Домот на синдикатите“ каде што се одржуваше фестивалот се случи експлозија на незадоволство од фановите на Марјановиќ, толку голема што дури го демолираа целиот „Дом на синдикатите“.

Ние моравме да ја напуштиме салата од задниот влез зашто беше опасно да се сретнеме со незадоволните обожаватели. И така заврши таа моја победа. Инаку, Ѓорѓе во целата ситуација се покажа како голем џентлмен и пријател, тој постојано беше со нас и се извинуваше за сѐ што се случи. Навистина беше многу популарен, публиката го носеше на раце, неговите песни беа најголеми хитови во тов време - се сеќава Крстевски.

Една година по настанот во Белград тој се повлекува од музичката сцена и се посветува на литературното творештво во кое е активен и денес. Неговиот творечки опус го прават 20-тина прозни дела.

- Во суштина јас не спаѓав меѓу поклониците на забавната музика, туку би рекол бев турнат во неа. Многу ја сакам класиката, како млад свирев виолина и сонував да станам солист на тој инструмент. Но, ете, желбите не се исполнуваат секогаш. Станав успешен, но како пејач и на мои 23 години веќе ме сметаа за ветеран. Сепак, бидејќи забавната музика не ме влечеше посебно не ми беше тешко еден ден да донесам одлука да ставам крај на тој дел од животот и да се посветам на литературата, од која навистина се восхитував.

(Објавено во „ТЕА Модерна“, бр. 390 од 12.III.2008)
Печати

Број на прегледи (488)/Коментари ()

Тагови: Биг БендЗафир ХаџимановСкопски фестивалДиме ПоповскиАлександар ЏамбазовНикола АвтовскиЗоран ГеоргиевНина СпироваДимитар МасевскиЉубомир БранѓолицаОпатијаБлага ВидецЉупка АпостоловаВелко ТрпчевскиЃоко ГеоргиевСлободан НиколовскиРадио СкопјеМРТВТомислав МаниќХристо КрстевскиВанчо ДимитровСимеон ГугуловскиБети ЈурковиќТЕА МодернаВрати сеПелистерски очиСтефан ГајдовМилчо МанчевскиГордана КолевскаЕден бакнежСенкиДраган Ѓаконовски ШпатоСаџоИгранкаДимитар МаневскиРатко ПициТрио ШрамелВанчо ДимитрвДојди есенГарачаЕгзотикаДалечен крајБлагоја ЧешларовБал на водаМолчи една долинаПоследна солзаВоденичкаТанцов оркестарЗлатен михрофонКажи зошто ме оставиВеселинка МалинскаСело моеКако сонцето што зајдуваПетар ПешевСкитникЕзеро моеСоул МакедонијоБлиска а сепак далечнаА каква љубовНевија РигутоСењорита КалипсоЉубов сладок сонНоќеска шумеа брезитеДаријаБрегови од надеж

Периодика

music nonstop today

Последни додадени

[Архива] „Синот божји“ ги откри моите девет тајни

Интервју: Тоше Проески

  • 7 јули 2000
  • Автор: Редакција
  • Број на прегледи: 714
  • 0 Коментари
[Архива] „Синот божји“ ги откри моите девет тајни

Bо минатата недела Тоше Проевски го промовираше својот втор албум, насловен Синот божји со заштитен знак на Авалон продукција. Албумот содржи девет песни кои стилски се слични на нумерите од неговиот деби студиски проект...

[Архива] Покана за настап на ТВ

Ацо Симоновски во СССР

  • 9 декември 1966
  • Автор: Редакција
  • Број на прегледи: 378
  • 0 Коментари
[Архива] Покана за настап на ТВ

Младиот пеач на забавни мелодии од Скопје - Ацо Симоновски, од неодамна се наоѓа во Советскиот Сојуз. Во оваа земја тој настапува заедно со ансамблот на Стево Теодосиевски и пеачите Есма Реџепова, Радмила Димиќ, Мехо Пузиќ, Катица Краљевиќ и Живан Милиќ.

[Архива] Три питања за ову недељу: Зафир Хаџиманов

Зафир снима филм: „Време без рата“

  • 31 октомври 1968
  • Автор: Редакција
  • Број на прегледи: 339
  • 0 Коментари
[Архива] Три питања за ову недељу: Зафир Хаџиманов

Добио сам улогу у филму „Време без рата“, који ће режирати Бранко Гапо. Још у Пули било је речи о овом филму. Био сам предложен прво за главну улогу, али услед неких измена додељена ми је једна интересантна епизода младог шофера...

[Архива] Повторно „Гости на нашиот град“

Културен размерник...

  • 17 ноември 1966
  • Автор: Редакција
  • Број на прегледи: 335
  • 0 Коментари
[Архива] Повторно „Гости на нашиот град“

Во програмата учествуваат: Ладо Лесковар, Нина Спирова, Живан Милиќ, Томислав Маниќ, Илија Џаџев, „Мањифико“ (без Невена Арсова) и балетски ансамбл од МНТ.

[Архива] Krade da bi bila slavna

Zakasnele nade: Cvetanka Laskova

  • 1 јануари 1983
  • Автор: Редакција
  • Број на прегледи: 97
  • 0 Коментари
[Архива] Krade da bi bila slavna

Sa dvadeset osam godina životnog i deceniju estradnog staža, Cvetanka Laskova ima (najzad?!) prvu LP ploču. Za stvar „Eh, moj Gorane“ može se reći da je stigla do Studija B i tamo se ugnezdila, a Cveta je došla do prvog potencijalnog hita svog života...

RSS

Календар на архива