На 9 декември 2022 година Николче Мицевски со концертна изведба го претстави материјалот за својот музички албум насловен како „Нова ера“ (New Era).
За почеток на декември беше објавен синглот „Импулс“ (Impulse) трет по ред сингл од албумот „Нова ера“, за после една недела да следи и концертна промоција на целиот материјал од албумот.
Центарот за култура во Битола беше полн со убави луѓе дојдени да ја слушаат музиката на Мицевски.
Мицевски ја поздрави публиката и се заблагодари на присутните потсетувајќи се и на своите музички почетоци во својата родна Битола изразувајќи почит кон луѓето што му помогнале да го трасира патот како музички автор, инструменталист и изведувач. Несомнено тоа се неговите родители, музичките учители и професори кои Мицевски не само што не ги заборавил, туку и со полно срце љубов се потсети на нив и јавно пред полната сала им се заблагодари.
Покрај Мицевски на сцената во Центарот за култура во Битола излегоа и 13 инстументалисти и вокалистката Полина Тасева што имаше изведба на композициите во блокот со ориентална музика.
Како гитарист на сцената беше феноменалниот Зоран Костадиновски, човек кој ретко може да се види насмеан на сцената, но кој со гитарата во раце е како римски врвен легионер со спата (spatha) во рацете.
За мелодиите во нискиот фреквентен опсег произведени од бас гитарата беше задолжен Иван Бејков.
Благоја Антовски - Баге е биолошка ритам машина кој и овој пат ја дава подлогата за богатиот звук што го даваа жичените инструменти и дувачката секција во кои учествуваа и Петар Христов и Влатко Крстев.
Дамјан Пејчиноски се појави на сцената само за изведбите на првите два сингла од „Нова ера“, 🎞️„Време“ и 🎞️„Круг“.
Придонес во збогатувањето на звукот дадоа и хористите од хорот Арс Нова под раководство на Марина Коруновска која беше во одлично расположение, на моменти повикувајќи ја и публиката да се придружи во изведбата на некои од композициите со држење на ритамот преку ракоплескање. (🎞️ претставувањето на колегите на бината од самиот Николче Мицевски)
Сериозноста што ја има Мицевски кон она што го работи е препознатлив во реализацијата на неговите синглови „Круг“, „Време“ и „Импулс“ што не се однесува само на музичката компонента, туку и на видео илустрациите за песните и квалитетот со кои тие се направени (личат на вистински кратки филмови), но и графичките илустрации за сингловите особено онаа за синглот „Круг“. Комуникацијата со публиката преку градење и визуелен идентитет за музичкото издание за мене е исклучително важен, особено за сценариото во кое трети медиуми треба да ја раскажат приказната за музичкото издание или едноставно да ја пренесат информацијата за постоењето на музичкото издание.
Професионалниот однос не недостасуваше ниту на концертот „Нова ера“ и она што се случуваше на сцената, но и логистиката важна за соработниците позади сцената. Ова не би можело да се организира доколку една идеја, еден проект, еден концерт нема пријатели. Јас се уверив дека Мицевски ги има особено во неговата родна Битола, но и не само во градот на конзулите во кој чекорат прекрасно дотерани госпоѓи и џентламени, туку и надвор од него. Јас имав прилика таа вечер да запознаам некои од нив.
Организацијата на концертот ја помогна тимот на Авалон.
Многу е тешко било каков мултимедијален материјал да го овозможи искуството што човек ќе го стекне доколку присуствува на лице место на музички настан/концерт. Овој концерт за мене беше одлично ново искуство на кој лајтмотив беше музиката компонирана од Николче Мицевски и изведена од одлични (од прв до последен) инструменталисти. За се да звучи складно се погрижи Ивица Јанкуловски.
Најавата за следниот концерт со истата содржина вели дека ќе биде некаде во првиот квардал од 2023 година во главниот град. Од прва рака дознавам дека на скопската сцена ќе се појават уште повеќе инструменталисти што ќе го направат звукот причина за уште подобра дразба на сетилата и емоциите и на оние со висок критериум.
И покрај тоа што јас веќе го искусив концертот „Нова ера“ во прекрасната Битола, планирам да присуствувам и на вториот најавен концерт во Скопје. Тоа нека биде и мојот индиректен сумарен коментар за тоа какво беше моето искуство на овој концерт.