Написи

Музичко предузеќе: увоз - извоз

Музичко предузеќе: увоз - извоз

Негодувањата и реакциите на дел од јавноста за гостувањата на српските (турбо)фолкери што може да се прочитаат и на социјалните мрежи ме стимулираат да размислувам за состојбата на музичката понуда дома, актуелниот однос на музичките консументи и како би можело да биде и подобро. Ваквиот тип коментари се интензивираат особено за време на летниот период кога во неколку недели (втората половина на јули, првата половина на август) во најубавиот град во Македонија Охрид се набиени многу музички настани.

Се обидувам да ја разберам правилно реакцијата на луѓето, дали негодуваат поради тоа што кај нас континуирано и интензивно настапуваат српските (турбо)фолкери. Дали поради, за ним, недостатокот на квалитетна програма што не е онаа поврзана со (турбо)фолкот или дали оваа година реакциите се поради тоа што во тие неколку дена недозволиво гласната музика од билјанини извори од српските турбофолкери не ги оставија да спијат ниту охриѓани од Карпош 5 ниту оние од Сараише?

Шарена и богата музичка понуда - слободен пазар

Во основа според мене добро е да има богата и шарена понуда. Приватните проекти што се засновани на економски и бизнис модел во кој учествуваат и домашни и странски изведувачи/уметници и ако се во рамките на правилата за одржување на таков тип настани треба да се добредојдени. Сметам дека музичката понуда на приватните проекти треба да биде и разновидна и шарена без квалитативни и жанровски рестрикции (оние за кои нема пазар, нема да постојат или барем нема да ги има на главните бини).

Доминантните гостувања на изведувачите од соседна Србија се евидентни и тие се на некој начин органски поради неколку причини: 

  • Наследството на односите што ги има Македонија со Србија создадени во поранешната заедничка држава Југославија.
  • Гравитацијата особено на македонската провинција кон Белград и Србија што силно зрачи музичка содржина до јужната граница на Македонија.
  • Отворените врати за македонските таленти на спрските шоуа за музички таленти на кои редовно се пријавуваат луѓе од Македонија, па во одредени случаи биваат и наградени. Па потоа, одлуката за доделена награда на претсавник од Македонија (нема никаква врска со ултимативноот квалитет, туку повеќе има врска со деловна/бизнис одлука), како радио бранови ги интерферираат домашните медиуми за свемирски успех што млада провинцијалка или провинцијалец го постигнал во големиот Белград и значајната за нас Србија.
  • На крајот на денот, затоа што фолкот и турбо фолкот, па и српскиот е фреквенцијата што резонира со најголемиот процент од населението во Македонија, а и во Србија. Едноставно, не може да се очекува најголем дел од луѓето да слушаат различна музика од лесните, па дури и простачки песни особено не кога просечниот граѓанин по напорниот работен ден, ќе се напие неколку ракии и ќе сака да се развесели. 

Дел од техниките, за проширување на пазарот и за културолошко влијание од надвор кон Македонија имало и обиди во минатото еве на пример од соседна Бугарија.

Како еден пример за претходно напишаното ќе го спомнам учеството на Кали (Калина Велковска) на Гласот на Бугарија (The Voice of Bulgaria) во 2020 година која направи своевиден успех. Понатаму тој успех беше обзнанет кај дел од нашите медиуми како меѓупланетарен успех. Истиот модел што на пример српскиот Ѕвездите на Гранд (Zvezde Granda) го прави континуирано. Еден пример е учеството на (со не преголем успех на ова шоу) велешанката Валери Димовска, најавена како учесничка од Скопје (не знам зошто тоа беше така, само можам да претпоставувам). 

Ваквите типови на шоуа, се покажа како одличен модел за проширување на пазарот. Во најмала рака, србите успешно ги продаваат овие шоуа на нашите телевизиски куќи. Од сите соседи и продуценските куќи од регионот, тие најуспешно го прават тоа. Воедно, нека не ви звучи како заговор, овој формат на забава за луѓето е и начин за културолошко влијание што отвара многу различни врати понатаму на среднорочни и долги стази.   

Би било подобро за нашето општество да бидеме по отворени за по шарена и по богата музичка понуда во која ќе има простор и за повеќе гости на пример од Грција, Бугарија и Албанија. Па кој сака нека оди на некој од гостите фолкери, рокери или диџеи, а кој сака нека одбере настан од Охридско лето и нека ужива.

Извоз на македонската музика

Поединците и фирмите што се дел од музичката индустрија (колку ова оптимистички да звучи) треба да вложат во подобрување на рејтингот и учинокот во извозот на домашната музика и домашните изведувачи. На тој начин ќе се отворат нови пазари за стекнување ново искуство и дополнителна заработка. За да има успех оваа идеја мора да работат сите чинители на музичката индустрија, од изведувачите, музичките автори, преку професионалците во музичката индустрија и медиумите, па до јавниот сектор преку активности на релевантните инстанци. Но почетокот треба да биде дома и да започне со покажување искрена почит кон домашната музика и оние што ја создаваат и интерпретираат. Растењето и развојот со поддршка од дома е исклучително важно исто како што е важна поддршката од дома за едно мало дете. Не е сеедно кога едно дете има поддршка од дома и се охрабрува, му се дава можност да се обидува па и да греши, во споредба со дете кое постојано се потценува, се вреѓа, се напаѓа и омаловажува.

Почитта треба да дојде од секој од нас, а таа во капиталистичкото општество - формат во кој и ние како македонско општество сакаме да се гледаме, се изразува и преку купен компакт диск (CD) или плоча (да, уште ги прават), купена карта за музички настап и посета на истиот, купена брендирана маичка со симболите на изведувачот/бендот. Тоа е нешто што секој индивидуалец може да го прави, а особено менторството над младите за да си ја сакаат и сопствената музика.
Кога последен пат сте направиле нешто од споменатото погоре?

Музички настани организирани од државата

Се разбира, грижата за домашните изведувачи/бендови/артисти треба да дојде и од јавниот сектор. Во овој контекст се случуваат убави работи, но има и такви што разочаруваат. За културните и музичките настани (ко)финансирани и поддржани со државни или општински пари, потребно е да се стават очила што ја гледаат националната перспектива, општествениот опстанок и неговиот развој. Помеѓу држава/општина и фирма нема знак за еднаво(=), а претставниците на јавниот сектор мора да се грижат за интересите на државата и општеството, па така и за овој контекст поврзан со домашната музика и нејзините изведувачи. 

Со доза на разочарување се присетувам на последниот пример поврзан со годишново издание на манифестацијата Тиквешки гроздобер, што е ко-финансирана од општината Кавадарци (околу 86.000 евра - 50% од вкупните проектирани трошоци). Најавените хедлајнери (headliner - изведувач или чин што се промовира како ѕвезда - атракција и вообичаено настапува последен) на овој настан се изведувачи од регионот (доминантно Србија). Се разбира тоа што има изведувачи од регионот е во ред, но она што не е во ред е тоа што во списокот ѕвезди нема домашен хедлајнер. На овој „мал“ детаљ некој требал да внимава. Се разбира, финансиерите и организаторот имале право на избор но останува горкото чуство за тоа дали не можело да се најде домашен изведувач што ќе биде испочитуван и ќе добие можност да изведе дел од своите песни на оваа манифестација во улога на ѕвезда заедно со Лепа Брена, Халид Бешлиќ, Хурикејн или Дарко Лазиќ? 

Илустрацијата е направена од reporter.mk
  

Во соопштението за јавноста за Тиквешкиот гроздобер 2023 година што е подготвено и испратено до медиумите, не се спомнува ниту едно име од домашните изведувачи што ќе настапат. Тие, во соопштенијата објавени на трети медиуми во пасусите во кои се набројуваат ѕвездите на настанот се спомнати како група домашни изведувачи. Ова мене ми звучи навредливо за домашните изведувачи што ќе настапуваат на Тиквешкиот гроздобер оваа година (2023). Вака срочената реченица е во стилот на реченицата: „Америка, Русија, Кина и рестото од светот“. Со ваквиот наш однос кон домашните изведувачи, не помагаме во стартната позиција на изведувачите што сакаат да излезат и да настапуваат надвор од нашите граници.

Илустрацијата е направена од fokus.mk

„Ајмо руке горе“ се слуша од Билјанини во Сараиште

Оваа година во тие неколку дена околу празникот Илинден (2 јули) во Охрид навечер не се спиело.

Вонсериско рокање српска турбофолкерска музика за Илинден во најмала рака е непристојно. Тоа ги руши етичките норми, а и законот за нарушување на јавниот ред и мир. Не дозволивата гласност на еден музички настап што го слушаат сите во градот (сакале или не) на голем национален празник каков што е илинден не прилега. Не прилега во тие денови Орид да личи како вашар (панаѓур) во Гуча.

Ако веќе не дошле другарите во плаво да им ја прекинат забавата на лице место, одговорните за ваквото однесување треба да сносат одговорност и со опомена што ќе предупреди за забрана на организирање настани во иднина да им укажат јасно на организаторите дека ваквиот однос е недозволив. 

Охриѓани и градот Охрид, како најатрактивна и најдобра туристичка дестинација во Македонија треба да решат кој стилски курс ќе го фатат. Дали ќе нудат висока естетика за која ќе наплаќаат шишенце кока кола 180 денари (3 евра) или ќе ги остават пуканките, печената пченка и лесковачкиот роштиљ на плоштадот и за Илинден сите дојдени во Охрид (и тие што не се на концерт/настап и што не сакаат да го слушаат тоа) да слушаат „Ајмо рукице горе!“ од турбофолкерите. Двете работи не одат заедно. 

Заклучок

По контемплацијата на темата во овие топли летни денови, моите размислувања конвергираат кон неколку заклучоци.

Ние треба да сме отворено општество, спремно да ги прими вибрациите од околината и светот и треба да им се даде можност на индивидуите да ги задоволат своите потреби за различни музики содржини се разбира доколку тие не загрозуваат никого и ништо, особено нашето македонско општество и државата. 

Странските изведувачи вклучително и оние од Србија треба да се добредојдени и нашиот однос кон нив и како нација и (можна) публика треба да биде пропратен со гостопримство и со почит, исто како кон секој добронамерен уметник што дошол да настапува во Македонија. Организаторот на нивните настапи треба да ги почитува правилата за организирање, а не да се продаваат карти од лица на плоштадот во Охрид со земање ќеш и без давање фискални сметки што личи повеќе на сценарио на дилање дрога, отколку купување билет за културен/музички настан, па макар тоа било и за настан на кој главниот хит е нискобуџетната „Лична карта“. Но, на странските изведувачи треба дискретно да им се покаже нивното место во однос на домашните изведувачи кои дома треба да уживаат најголема почит.

Сите чинители на музичката индустрија во меѓусебна соработка и синергија да работат напорно во создавање здрава инфраструктура за вистинска музичка индустрија по терк на оние развиените. Да, звучи утописки но за почеток не е лошо да има поголема меѓусебна соработка и меѓусебна почит наспроти да се гледа како да се заобиколи и саботира системот, па јавноста да чита вести како поединци го изманипулирале системот за неосновано дебело да наплатат за тантиеми. 

Музичките професионалци партнерски да соработуваат со изведувачите и да го зголемат нивото на професионалност за да може да ги отворат вратите за настапи и заработувачка и позади границите на премините Табановце, Деве Баир, Меџитлија, Ќафасан, Генерал Јанковиќ и меѓународниот аеродром во Скопје. 

Долгогодишните работници во музичката индустрија како Дарко Димитров, Влатко Стефановски, Иво Јанковски, Логин Кочишки, Оливер Белопета, Робин Зимбаков, Наум Петрески, Сузана Гавазова, Јортан Митев и многу други кои ги има нашето општество нека продолжат уште по енергично да им помагаат во тапкањето на снегот со кој се прави пат за успешна музичка кариера и бизнис на нивните колеги и соработници. А изведувачите треба да разберат дека музичкиот бизнис не зависи само од добро испеаната песна и да дозволат да им се помогне од музичките професионалци и останатите чинители на индустријата.

А младиве, младиве се ѕверови! Тие го разбираат модерното време и приликите во современата музичка индустрија и прават продор. Ќе им биде многу полесно со поголема кохезија дома помеѓу релевантните субјекти и ентитети и помошта што треба да ја добијат од нив.

Во овие тешки времиња (а кога биле подобри?) во натегање со политички и општествени предизвици и клинчот што го имаме со Бугарија, го завршувам овој напис со референца до видео од настап на 2Бона во Софија, на кој тие ја изведуваат „Paralia“ заедно со бугарските изведувачи V:rgo x TRF. Слушнете како звучи македонскиот јазик среде Софија, преку рециталот на Кун и Бонтони. Јас се надевам дека 2 Бона успеале добро да наплатат и дека отвориле дополнителни врати за соработка во соседна Бугарија. 


Автор: Васил Буралиев

Печати
music nonstop today
«март 2026 г.»
пон.вт.сре.чет.пет.саб.нед.
2324252627281
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
303112345

Архива