Написи

Дали ВБУ Музички регистар работи и зошто не?

Дали ВБУ Музички регистар работи и зошто не?

Без лажна скромност, како основач и главниот мотор на ВБУ Музички регистар, се чуствувам одговорен да споделам информации за актуелностите во Регистарот. Особено поради тоа што во последниве неколку месеци стигнаа приватни пораки - што може да се воопштат во пршањето: „Зошто Регистарот не работи?“, алудирајќи на прекинот на евидентирањето музички изданија. Тоа им го должам и јас, но и останатите членови на јадрото, на оние што препознаа вредност и што нѐ поддржуваа на различен начин низ годините.

Кусиот одговор, спакуван во проста реченица, е многу едноставен - „Умре љубовта!“. Ако треба простата реченица да ја проширам, тогаш таа ќе звучи вака: „Не успеав да најдам деловен модел пред ентузијазмот да спласне.“

Кратко за ВБУ Музички регистар

ВБУ Музички регистар е иницијатива во која проциркулираа повеќе луѓе. Од сите нив, најдолг период со реални активности и придонес (актуелното јадро) партиципираат четворица луѓе: (од лево на десно) Дејан Соколоски, Марјан Доказа, Васил Буралиев и Златко Ангелески. (повеќе за нас)

Принципот на работа е: работи секој колку сака, кога сака и на што сака. Се разбира, овој модел се менува во зависност од ситуацијата. Тоа е ситуацијата во која членови на јадрото преземале обврска кон трети субјекти. На пример, последна таква обврска беше кон Министерството за Култура што заврши со завршувањето на 2023 година. Се обврзавме дека ќе дигитализираме 300 написи (вкупно 600 во Архивата) од стари печатени медиуми и ќе ги овозможиме за јавноста во истата година.

Компоненти на ВБУ Музички регистар

Пред неколку недели во приватна порака до мене стигна прашање: „Зошто веќе подолго време страната на музичкиот регистар не е во функција?“. Се направив наудрен, па вратив учтиво дека веб-сајтот работи и дека се видливи содржини, иако јасно ми беше дека прашањето се однесуваше на прекинот во евидентирањето музички изданија. Кога добив дообјаснување на прашањето, се вложив за да дообјаснам. 

Регистарот е иницијатива што интегрира повеќе компоненти, работни стримови, проекти, како сакаш именувај ги. Лесно е воочливо дека евидентирањето на музичките изданија, па понатаму и креирањето дополнителни содржини околу и за нив е/беше значаен дел од Регистарот. 

Основни компоненти/проекти/работни стримови на иницијативата се: 

  1. Регистарот на музички изданија и објави од домашната продукција,
  2. Написи во различен формат (интервјуа, колумни, вести, извештаи, анализи).
  3. Календар со музички настани поврзани со домашната (во најголем процент) авторска музика. (доминантно активен: Марјан Доказа)
  4. Архива со дигитализирани и класифицирани написи од стари печатени медиуми, се разбира повторно поврзани со македонската музика. (доминантно активен: Златко Ангелески)
  5. Фотостории (доминантно активни: Марјан Доказа, Васил Буралиев) 

Други проекти и активности

Изминативе 10 години, колку што постои Регистарот, тој еволуираше и се развиваше преку различни проекти. Некои траеле по неколку недели, а на некои од нив векот им се брои во години. Списокот брои десетици проекти под знамето на Регистарот. Во оваа прилика еве десетина од нив:

  • Месечен билтен (Newsletter).
  • Месечен ТОП 10.
  • Аудио стриминг канал со хип-хоп музика.
  • Веб сајт за изведувач (пример: https://nokaut.muzichkiregistar.com).
  • Креирање куси текстови за нови (се разбира, домашни) музички изданија за поралот Meta.mk (https://meta.mk/tag/vbu-muzichki-registar/).
  • API (Application Programming Interface - https://en.wikipedia.org/wiki/API) - за лаиците, ова овозможува трет софтверски систем лесно да презема податоци од базата на Регистарот.
  • Механизам за пребарување и филтрирање на Регистарот со изданија.
  • Две години учество преку споделување сумарни податоци (статистички показатели) за домашната музичка продукција во годишната публикација на Државен завод за статистика „Макстат избор“ (https://www.stat.gov.mk/PublikaciiPoOblast.aspx?id=80)
  • Финансиска поддршка за трети проекти поврзани со домашната музика: „Македонска Рок Енциклопедија“ од Тошо Филиповски; ЦД издание на третиот албум на Страјк, „Низ мојот живот“. ЦД издание на албумот „Балканизам“, музичката програма на „Grand Vin 2022“. 
  • Фотографии во висока резолуција достапни за слободно користење (под Creative Common (CC) лиценца) достапни за преземање преку Фликр (Flickr) - https://www.flickr.com/photos/194093425@N03/
  • Ретроспектива на првиот Макфест“ во пишана форма.
  • Пракса за млади луѓе кои, придонесувајќи во Регистарот на различен начин, попатно успеале да стекнат и некакво работно и волонтерско искуство.

Повеќе информации за сервисот.

Целта со пописот на дел од проектите во рамките на иницијативата е да потсетам дека имало различни проекти кои имале свој почеток и крај.

Зошто Регистарот не работи?

Билансот за 2023 на креираната содржина и евидентираните изданија не кажува дека ВБУ Музички регистар не работи. Но, не може да скриеме, ниту пак сакаме, дека активностите од тимот на Регситарот е значително намален, што директно влијае на креираните содржини и раскажувањето на македонските музички приказни. Динамиката на активностите базирани на љубовта и ентузијазмот кон домашната музика што самите си ја наметнавме и следевме неколку години, барем за мене во ноември 2022 станаа повеќе терет одошто задоволство.

Со цел да го одржиме темпото и динамиката на активностите, во основа, аплициравме два клучни пристапа. Основната цел беше нашиот ентузијазам кон она што го правиме во Регистарот да го заѕидаме со помош на редовен приход на бонови од Народната банка со што ќе можеше да се ангажираат луѓе што ќе го работат тоа како професионалци 40 часа во неделата.

  • Првиот пристап беше моделот со донации, кој беше отворен нешто повеќе од 2 години.
  • Вториот пристап беше понуда на комерцијална услуга што беше понудена во втората половина на 2023. 

И двата пристапа беа неуспешни - не ја постигнаа главната цел.

Мојата проценка е дека не понудивме доволно голема вредност љубителите на музиката, ентузијастите, професионалците па и релевантните претставници од јавниот сектор да си брцнат во џепот. Во изминатите години добивме голема вербална поддршка, пофални и убави зборови за она што го создававме/создаваме. Но единственото гориво за одржливост и уште повеќе за развој и раст што ќе го надомести ентузијазмот кога тој ќе се намали во модерниот свет се парите. 

Но, да, еве и со ова соопштение да потврдам дека Регистарот веќе некој период е во надолна линнија во контекст на неговата одржливост. А ако треба да бидам брутално искрен, тогаш би рекол дека Регистарот полека умира. Дали ќе умре или ќе се издигне и ќе оди на друго ниво, останува да видиме сите ние. Практично, последниов период, со исклучок на обврските кон Министерството за Култура за Архивата на написи, кон која бескомпромисно работевме за да го испорачаме ветеното (целата заслуга е на Златко Ангелески), ги сведовме на минимум. Во основа се вративме на основниот принцип на функционирање, а тоа е: кој кога може, колку може, кога сака и на што сака. 

Но - зошто? Ако сѐ уште те интересира, тогаш одговорите со деталите и наведување на заклучоци што би си ги донел сам/сама, би можел да ги прочиташ во евентуално напишана книга за ВБУ Музички регистар. 

Доколку навистина те интересираат мрсните детали, испрати една електронска порака (email) на [email protected] во која доволно е како наслов (subject) да напишеш „Зошто Регистарот не работи?“. Ако препознаеме значаен интерес, тогаш следниот проект на Регистарот ќе биде книгата за него. 

Најактивен проект последниве месеци

Во меѓувреме, провери некои од написите што ги дигитализираме (цела заслуга оди на сметката на неуморниот Златко Ангелески) од стари печатени медиуми, кои се дел од Архивата на написи и за кои повремено објавуваме инфо дека некој напис е дигитализиран на нашата Facebook страница.

Срдечен поздрав до сите добронамерници,
Васил Буралиев - основач на иницијативата

Печати
 
Категории: Написи
Тагови:
Оцени го написот:
4.8
music nonstop today
«март 2026 г.»
пон.вт.сре.чет.пет.саб.нед.
2324252627281
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
303112345

Архива